Skip to main content
Свет

Песков: Европа ќе плаќа поскапи енергенси

03/12/2025  19:11

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска предупреди дека откажувањето на Европа од рускиот гас ќе доведе до намалување на нејзиниот економски потенцијал и ќе ја загрози конкурентноста на Европската Унија.

– На овој начин, Европа ќе обезбедува значително поскапи извори на енергија, што неизбежно ќе влијае на економијата и ќе ја намали конкурентноста. Ова само го забрзува процесот што веќе е забележан изминатите години – губењето на водечката позиција на европската економија, истакна Песков, коментирајќи ја изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека ЕУ повеќе нема да зависи од рускиот гас.

Тој потенцира дека ако Европа се откаже од рускиот гас ќе биде принудена да користи значително поскапи енергенси.

Советот на Европа денеска објави дека е постигнат договор со Европскиот парламент за постепено укинување на увозот на руски гас до 2027 година, како дел од стратегијата за прекин на енергетската зависност од Русија.

Според договорот, увозот на течен природен гас (ЛНГ) и гас преку цевководи од Русија постепено ќе биде забранет, со целосна забрана за ЛНГ од крајот на 2026 година и цевководи до есен 2027 година.

Овој привремен договор за да стане формално правно обврзувачки треба да биде одобрен од Советот и Парламентот.