Skip to main content
Економија

Божиновска: Општините добиваат конкретна поддршка за реализација на повеќе енергетски проекти – започнаа практичните обуки за општините

02/12/2025  13:48

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја започна националната серија работилници посветени на поддршка на општините во подготовката и реализацијата на што поголем број проекти за енергетска ефикасност. Овие обуки ќе се одржуваат во повеќе градови низ државата со цел да се зајакнат локалните капацитети и да се унапреди спроведувањето на европските стандарди во енергетското планирање.

Во рамки на оваа иницијатива денес во Скопје се одржа работилница за градење на капацитетите на општинската администрација за подготовка на програми за енергетска ефикасност. Настанот се реализира во склоп на проектот Поддршка на енергетските реформи во Република Северна Македонија, финансиран од Делегацијата на Европската Унија. Проектот има за цел воспоставување високо ниво на ефикасна енергетска политика, унапредување на правната рамка и поддршка на институциите во доследна примена и мониторинг на процесите поврзани со енергетската ефикасност.

Работилницата ја отвори министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која нагласи дека општините мора да се ангажираат и да реализираат мерки што носат реални заштеди и побрза модернизација на јавната инфраструктура.

„Локалните самоуправи мора да станат мотор на енергетската трансформација. Наша задача е да им дадеме алатки, насоки и поддршка за да можат да реализираат повеќе проекти, побрзо и поефикасно. Време е секоја општина да ги искористи можностите што ги нудат европските правила и современите модели на финансирање.“

На настанот присуствуваа претставници од општините во Скопскиот регион и од Град Скопје. Преку презентации, дискусии и практични вежби, учесниците добија детални насоки за подготовка на пограма за енергетска ефикасност, годишен план за спроведување, како и информации за механизми за финансирање и пристап до податоци неопходни за енергетско планирање. Особен фокус беа практичните сесии за работа со бази на податоци, идентификување мерки за енергетска ефикасност и користење стандардизирани обрасци и табели развиени во рамки на проектот.

Министерството ќе продолжи со организирањето на вакви обуки во сите плански региони, со цел секоја општина во државата да добие професионална поддршка за подготовка квалитетни, реални и финансиски одржливи програми за енергетска ефикасност.