Skip to main content
Македонија

Мицкоски: Никој нема право да ги одземе покачените пензии на пензионерите

02/12/2025  13:37

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање дали го поддржува протестот на пензионерите пред Уставен суд, рече:

„Овој пат тие удрија на пензионерите, па ги слушам сега како се препелкаат – тоа што си го земале пензионерите нема да го вратат, но, затоа ќе видиме како понатаму. Нели најпрвин немаше такво нешто. Јас кога го соопштив тоа на пратенички прашања тие излегоа рекоа нема такво нешто. За потоа да се препакуваат и кажат добро, еве ќе го разгледуваме сето тоа за од 1 јануари”.

Премиерот Мицкоски потенцираше дека последното линеарно зголемување е предвидено за мартовската пензија идната година, прашувајќи како тоа зголемување ќе биде неуставно, а претходните 6 илјади денари ќе бидат уставни.

Мицкоски посочи дека судиите во Уставен суд имаат три можности.

„Првата е линеарните зголемувања да ги прогласат за неуставни, тоа значи 75 отсто од пензионерите од 1 јануари ќе имаат 3-4 илјади денари пониски пензии. Втората опција е да најдат некоја, за мене, бледа неправна логика следното зголемување да го прогласат за неуставно, а сè претходно да биде уставно, што за мене, еве јас не сум правник, но консултирав многу правници, делува смешно. И третата опција е да ги прогласат уставни”, рече Мицкоски, додавајќи дека нема да коментира повеќе и ќе остави на Уставниот суд, за како што кажа, да не биде „повторно сфатено дека прави притисок врз судиите и врз обвинителите”.