Skip to main content
Култура

Филмот „Мајка“ месецов ќе се прикажува во 230 киносали во Франција

02/12/2025  10:28

Филмот „Мајка“, најновото остварување на Теона Стругар Митевска, од 3. декември официјално почнува со дистрибуција во Франција. Премиерата во Париз помина со исклучителен интерес. UGC Bercy беше целосно распродаден, а проекцијата во Pathé Convention се одржа со висока посетеност, што го потврдува зрелиот интерес на француската публика.

Во рамките на промотивната турнеја, филмот беше претставен пред водечките француски медиуми меѓу кои Télérama, Europe 1, INA, Elle и Le Journal du Dimanche, со силно позитивни критики. Критичарите ја истакнуваат тематската длабочина, авторската зрелост и уметничката актуелност на филмот.

Само во октомври и ноември „Мајка“ беше прикажан на 26 меѓународни фестивали каде доби значајно внимание и позитивни оценки од стручните жирија. Филмот е веќе продаден за дистрибуција во повеќе од 40 земји, што сведочи за неговиот силен глобален досег.

Особено пофалени се актерските интерпретации. Номи Рапас се издвојува со една од нејзините најсилни изведби, а Никола Ристановски носи суптилен и емотивно комплексен настап кој остави длабок впечаток меѓу европските гледачи и критичари.

Филмот е потврден за прикажување во 230 киносали во првите две недели, во комбинација од arthouse простори и големи комерцијални кина. Дополнително, 600 киносали низ Франција го имаат вклучено филмот во своите долгорочни репертоари, што претставува редок и значаен опфат за регионален филм во францускиот дистрибутивен систем.

„Мајка“ оваа есен имаше силно присуство на меѓународната фестивалска сцена, меѓу другите во London FF, Ghent FF, Cannes Rencontres Cinématographiques, Arras FF, Geneva IFF, Mannheim Heidelberg, Seville FF, Haifa FF, Thessaloniki FF, Ljubljana FF, Tallinn Black Nights, како и на прекуокеанските фестивали во Рио де Жанеиро, Токио, Колката и Маракеш. Значајна е и селекцијата на Camerimage FF во Лоџ Полска, еден од најпрестижните фестивали за директори на фотографија.

Во декември филмот пристигнува и пред домашната публика. „Мајка“ ќе биде на редовниот репертоар во Кинотека на Македонија.