
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, и украинскиот претседател, Володимир Зеленски, денеска во Париз одржуваат серија средби посветени на американскиот план за запирање на војната во Украина, објави „Ле Монд“. Од Елисејската палата соопштија дека средбата ќе започне со работен ручек, по што следува тет-а-тет разговор и заедничка прес-конференција.
Ова е десетта посета на Зеленски на француската престолнина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. Средбата се одржува по разговорите меѓу официјални делегации на САД и Украина во Флорида и пред утрешната посета на американскиот пратеник Стив Виткоф во Москва, каде што ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
Изминатиот викенд беше одбележан со ново насилство: Русија истрела ракети кон Киев, при што загинаа неколку лица, а десетици беа повредени, додека Украина презеде одговорност за напади со дронови врз танкери од „фантомската флота“, која Москва ја користи за заобиколување на санкциите за извоз на сурова нафта.

