
Патнички авион на полскиот превозник LOT излетал од пистата при слетувањето на аеродромот во Вилнус, Литванија, по пристигнување од Варшава.
Инцидентот привремено го парализираше воздушниот сообраќај на аеродромот, соопштија надлежните. Аеродромските власти на Фејсбук информираа дека сите патници од летот LO771 безбедно го напуштиле авионот и дека нема повредени. Портпаролот на LOT соопшти дека „Ембраер 170“ превезувал 63 патници и четири члена на екипажот.
„По слетувањето, сите патници безбедно се симнаа со помош на подвижни скали, по што беа транспортирани до терминалот“, рече портпаролот.
Пистата ќе остане затворена до 19 часот по локално време, информираа од аеродромот. Патниците кои денеска требало да летаат од Вилнус се советуваат да ги контактираат своите авиокомпании за информации околу изменетите термини, пренесуваат регионалните медиуми.
