Skip to main content
Македонија

Четири маркети добија казни од по 50 илјади евра поради картелско здружување

26/11/2025  15:04

Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата донесе решение со кое утврди дека четири трговски друштва маркети, како и Сојузот на стопански комори на Македонија како координатор, учествувале во забранет договор или усогласено однесување спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата.

Од Комисијата информираат дека на состанок одржан на 5 февруари 2025 година, учесниците постигнале усогласен став за неприфаќање нови или зголемени ценовници од добавувачите. Со тоа, како што се наведува, наместо независно пазарно однесување била воспоставена состојба на практична координација, што претставува забранета пазарна практика.

Поради утврдените прекршувања, Комисијата изрече прекршочни глоби од по 50.000 евра за секое од четирите трговски друштва, додека Сојузот на стопански комори на Македонија е санкциониран со глоба во износ од 18.500 евра. Комисијата најави дека ќе продолжи со засилено следење на пазарните активности за спречување на слични случаи во иднина.