
Нарушувања во авиосообраќајот вечерва го погодија скопскиот аеродром, откако влошените временски услови и појавата на опасниот метеоролошки феномен „wind shear“ создадоа сериозни ризици за безбедно слетување на авионите.
Според првичните информации, најмалку два лета од Истанбул и од Венеција не успеале безбедно да се приближат кон пистата и биле пренасочени кон аеродромот во Приштина. Најдраматична била ситуацијата со летот од Венеција, кој повеќе од еден час кружел над скопската околина додека екипажот не донел одлука за алтернативно слетување.
Сообраќајните потешкотии продолжуваат, а патниците се очекува да добијат дополнителни информации од своите авиокомпании во текот на вечерта.
Феноменот „wind shear“ претставува ненадејна промена на брзината или насоката на ветерот на мало вертикално или хоризонтално растојание. За разлика од постепените атмосферски промени, ова „стружење на ветерот“ создава нагли варијации што можат сериозно да ја нарушат стабилноста на леталото при слетување и полетување.
