
Цената на електричната енергија што АД ЕСМ ќе ја понуди на тендерот за снабдување на домаќинствата ќе биде соопштена многу брзо, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ја добил пресметката и дали ќе се задржи досегашната цена од 62 евра за мегават-час, премиерот Мицкоски истакна дека предлогот на ЕСМ е дел од затворена седница на Владата и оти граѓаните треба да бидат трпеливи.
„Цената која што ќе ја понуди на тендерот ЕСМ, а ќе биде мој предлог на Влада, ќе се знае за многу кратко, бидејќи е дел од затворена седница на Владата. Така што бидете трпеливи ќе ја дознаете“, изјави Мицкоски.
Премиерот, исто така, нагласи дека годинава се воведува промена во начинот на набавка.
Тендерот за набавка на струја за домаќинствата ќе биде годишен, а не полугодишен како што беше пракса досега.
ЕСМ веќе го достави својот предлог за новата цена до Владата, која сега треба да донесе конечна одлука дали понудената цена е прифатлива. Досега, ЕСМ ја продава струјата за домаќинствата по цена од 62 евра за мегават час.
