
Надоместокот за породилно отсуство не се исплаќа одеднаш, туку е континуиран процес што трае низ целиот месец, појаснуваат од Фондот за здравствено осигурување, во одговор на изјавите на СДСМ дека исплатите на породилни отсуства задоцнуваат 30 дена.
,,Надоместот на породилно отсуство е процес поврзан со работодавачот на осигуреничката. Во моментот на исплата на плата од страна на работодавачот, УЈП доставува електронски информации за платените придонеси за соодветниот месец до Фондот, кои се обработуваат и одобруваат од подрачните служби, заедно со надоместоци за друг вид на боледувања, се доставуваат до Дирекцијата на Фондот. Оттука се доставуваат до УЈП за подготовка на МПИН. Потоа пресметаните надоместоци се исплаќаат континуирано. Да потенцираме ФЗО исплаќа бруто надомест, односно пензиски и други придонеси“, се наведува во соопштението
Од таму појаснуваат дека најголем дел од надоместоците се исплаќаат помеѓу 10-ти и 20-ти во тековниот месец, но исплати се вршат и до крајот на месецот.
,,Не е можно доцнење од 30 дена од страна на Фондот. Доколку има доцнење тоа е поради доцнење на пријава или на исплата на плати кај работодавачот“, велат од Фондот.
Тие уверуваат дека буџет за надоместоци има, што го потврдува фактот дека заклучно со октомври 2025 година се обработени и исплатени 6.268 предмети за породилно отсуство. За споредба, во септември 2025 година биле обработени 7.319 предмети, за кои е извршена исплата во вкупен износ од 384 милиони денари.
„Тоа укажува дека дел од пресметките за октомври сè уште се во обработка и исплата“, додаваат од ФЗО.
