
Силни емоции и револт меѓу родителите на загинатите деца од трагедијата во „Пулс“ денеска избија по завршувањето на рочиштето во Казнено-поправниот дом Идризово. Тие со тешки зборови реагираа кон адвокатите бранители на обвинетите, барајќи барем да не се појавуваат пред нив, бидејќи секое нивно присуство ја отвора болката што не престанува веќе осум месеци.
„Што ќе бранат? Барем да не доаѓаат тука, да не ги гледаме. Ако имаа малку милост спрема нас, родителите… Осум месеци секојдневно нè убиваат, убиваат… Господ е голем, Он ќе им суди,“ извикуваа дел од родителите додека ја напуштаа судницата.
Една мајка со гнев му се обрати директно на еден од адвокатите од Кочани:
„Децата ни гнијат во гробовите, а вие… барем од Кочани адвокатите не требаше да ги браните ниту еден од овие! Знам дека мора да имаат адвокати, ама барем вие од Кочани не требаше да ги оставите по службена должност да си добијат адвокати. Не убивте десет пати до сега.“
Поради тензичната атмосфера и бројните процесни забелешки, судијката Диана Груевска-Илиевска, која претседава со Судечкиот совет, го отповика утрешното рочиште и го презакажа за 2 декември.
Претходно, дел од адвокатите на обвинетите упатија приговори на интегрираното обвинение, тврдејќи дека станува збор за целосно нов обвинителен акт, а не само за спојување на претходните обвиненија. Тие реагираа и на доказниот материјал, наведувајќи дека бил хаотичен, ненумериран и со несогласувања меѓу листата на докази и материјалот што го добиле на УСБ.
Родителите, и покрај одложувањата, остануваат решени да ја продолжат својата борба за правда, нагласувајќи дека нема да отстапат се додека сите одговорни не бидат изведени пред лицето на правдата.
