Skip to main content
Магазин

Бербата на маслинки во Туркије прерасна во сезонска прослава што не се пропушта

25/11/2025  10:57

Дури 60 отсто од европските патници планираат во наредните месеци да престојуваат на една дестинација, наместо да се движат низ различни региони, говори извештајот „Monitoring Sentiment for Intra-European Travel“ на Европската комисија за патувања. Овој податок води до констатација дека туристите од Европа сѐ повеќе сакаат спокоен одмор, на кој ќе се спојат со локалната култура на местото кое го избираат.

Во Туркије такви доживувања не недостигаат, но како еден од најавтентичните начини да се искусат локалните традиции се смета учеството во сезонските берби на маслинки низ државата. Со производство меѓу 50 и 80 различни сорти, Туркије е еден од петте најголеми светски производители на маслинки и на маслиново масло, а Советот на Европа ја прогласил земјата за една од маслиновите рути, поради долгогодишната традиција на одгледување на овој медитерански деликатес, кој веќе прераснува и во културна препознатливост. Бербата почнува во овој период, практично со заладување на времето. Жителите собираат маслинки и ги носат во локалните мелници каде што се произведува маслиновото масло, што е интересно за туристите, па тие често сакаат не само да гледаат, туку и да се вклучат во оваа локална практика. 

За маслинките се претпоставува дека потекнуваат од Анадолија, а се одгледуваат низ целата држава. Сепак, Егејскиот брег на Туркије е водечки производител, бидејќи во него се наоѓаат 75 отсто од сите маслинови дрва во земјата. Таму маслинките не се сметаат само како извор на приходи, туку како начин на живот. Целиот регион оживува кога почнува сезоната на берба, а сите семејства работат заедно за да се обезбеди масло за следната година. Маслинките можат да се берат и со помош на машини, но локалните жители најчесто ја избираат рачната берба, бидејќи екстра-девственото маслиново масло што се добива на тој начин е најквалитетно.

Како најдобра рута да се доживее бербата се смета „Патеката на маслиновото дрво“. Таа почнува на планината Ида, а продолжува со Музејот на маслиново масло Адатепе во Чанаккале, прв ваков музеј во Туркије. На таа патека е и Ајвалик во Баликесир, дестинација чии масла се заштитени со географска ознака. Следна станица е Маниса, каде што се наоѓа маслиновото дрво Киркагач, кое е старо 1.650 години и е едно од најплодните маслинови дрвја во светот. Следува Измир, кој се смета за град со висок квалитет на живот, а привлечни се и неговите мали места, Чешме, Урла, Сеферихисар, Ѓузелбахче, Мендерес и Селчук. Во Урла, каде е еден од најстарите центри за производство на маслиново масло од 6 век п.н.е. може да се истражи историјата на маслинките, а Музејот на маслиново масло, пак, презентира како се одгледувала оваа култура 4.000 години наназад. Маслинките се значаен дел од турската кујна, па во Мишелин рестораните во Урла може да се ужива во јадења подготвени со локалното маслиново масло.