Skip to main content
Македонија

Се продолжува судењето за „Пулс“

25/11/2025  08:46

Судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, денеска продолжи во судницата на Казнено-поправниот дом Идризово. На рочиштето, според најавите, одбраната ги започна воведните излагања, откако обвинителството на претходното рочиште ги претстави своите аргументи.

Обвинителот Борче Јанев во воведниот говор истакна дека истрагата има цел да утврди конкретна одговорност – кој дозволил, кој молчел и кој не реагирал за да ја спречи трагедијата. Тој нагласи дека целта не е одмазда, туку расчистување долготрајни незаконитости.

„Не е важно само кој го запалил огнот, важно е кој имал кофа вода и не ја истурил,“ порача Јанев. Според него, катастрофата не произлегла само од употребената пиротехника на настапот, туку и од серија институционални пропусти што ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“.

Обвинителството најави дека доказите ќе покажат дека „Пулс“ со години работел спротивно на безбедносните стандарди – без противпожарен систем, со лесно запаливи материјали, недоволни излези и со постојано надминат дозволен број посетители. Опасноста, како што стои во обвинението, била очигледна, но службените лица не реагирале.

„Сите обвинети го наследувале молкот како службен протокол,“ рече Јанев, додавајќи дека последиците од 16 март 2025 година се резултат на долготрајна рутина на игнорирање ризици.

На почетокот на денешното рочиште, Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука предметот да се спои со постапката што се води против сопственикот на дискотеката.

Според обвинителството, трагедијата од 16 март 2025 година е последица на систематска негрижа: објектот работел без минимални технички услови, со само еден излез и внатрешност исполнета со токсични и лесно запаливи материјали. Во критичната вечер бил дозволен неконтролиран влез на над 600 гости, меѓу кои и малолетници по полноќ. Настапот на групата „ДНК“ вклучувал пиротехнички ефекти, а плафонскиот сунѓер при горење ослободил смртоносни гасови што го забрзале ширењето на огнот.

Рочиштето се одржа под засилени безбедносни мерки. Присутни беа обвинетите, роднините на жртвите, обвинителството, одбраната, како и домашни и странски новинари. На обвинителна клупа се најдоа 37 обвинети – 34 физички и три правни лица, меѓу кои сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. Меѓу нив се: Дејан Јованов, Митко Стојанов, Михаил Јованов, Гроздан Милковски, Милка Едровска, Тодор Јованов, Огњан Георгиев, Љупчо Стаменков, Николчо Гоцев, Ратко Димитровски и други.

Паралелно со главната постапка, во тек е и истрага против неколку полициски службеници осомничени дека со години давале лажни уверенија и дозволувале „Пулс“ да работи без исполнети безбедносни услови. Дел од нив се во притвор, а други во мерки на претпазливост. Минатата недела Обвинителството соопшти дека е поведена и постапка против вработени во УЈП, осомничени за мито и злоупотреби поврзани со случајот.

Според Министерството за здравство, состојбата на повредените кои преживеаја е стабилна. Од 20-те најтешко повредени, 10 остануваат во потешка, но контролирана состојба.

Судијката Диана Груевска Илиевска порача дека ќе бара дисциплина од сите страни и дека секое неоправдано одложување ќе биде санкционирано.