
Компанијата А22 Спортс Менаџмент“, која стои зад проектот фудбалска Суперлига, поведе правни дејствија според шпанскиот закон, пред да почне правна постапка против УЕФА во тужба вредна повеќе милијарди евра.
Овој потег веќе го најави претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, за време на вчерашното Генерално собрание на „Кралскиот клуб“, а „А22“ денеска, исто така, излезе со соопштение.
-А22 Спортс Менаџмент“ поведе задолжителна постапка според шпанскиот закон на 21 ноември, пред почетокот на правната постапка против УЕФА во која бара надомест на штетата што ја претрпе поради злоупотребата на доминантната позиција од страна на УЕФА како монополски оператор на европските клупски фудбалски натпреварувања, се вели во соопштението на компанијата.
-И покрај јасните одлуки од три европски судови, вклучувајќи го Судот на правдата на ЕУ и шпанскиот Апелациски суд, УЕФА продолжува да одржува регулативи и практики што се директно спротивни на судските одлуки. Во спротивност со овие судски одлуки, УЕФА сега се соочува со значителни потенцијални барања за отштета од клубовите и од А22, се додева во соопштението.
Шпанските медиуми шпекулираат дека тужбата би можела да биде вредна помеѓу четири и пет милијарди евра.
Проектот за европска Суперлига повторно беше лансиран во декември лани, но овој пат под името Обединета лига.

