Skip to main content
Балкан

60 минутен молк – за сите жртви по една: „Солун се солидаризира со Кочани“

22/03/2025  08:22

Македонците кои живеат и студираат во Солун, точно напладне организираат собир „Солун во молк за Кочани“ на централниот плоштад „Аристотел“ за да им оддадат почит на жртвите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, јави дописничката на МИА од Атина.

MK Summit

Македонците кои ја покренаа иницијативата за МИА откриваат дека планираат 60-минутен молк, по една минута за сите 59 жртви кои трагично загинаа во дискотеката „Пулс“, но и една минута молк за возачот на брзата помош, кој почина откако превезе голем број повредни лица.

Дополнително, во спомен на загинатите ќе има и црни балони, а преку социјалните мрежи објавија повик „Солун се солидаризира со Кочани“.

„Како еден од засегнатите градови, каде што повредените добиваат нега, ве повикуваме да ни се придружиме во изразувањето на нашето најдлабоко сочувство за изгубените животи, за повредените и нивните семејства. Соберете се со нас во момент на молк за да оддадеме почит на нивниот спомен и да покажеме поддршка“, пишува во повикот за собирот.

Идејата за собирот се родила откако првите повредени пристигнаа на лекување во Солун и големиот одзив за помош на Македонците кои живеат во овој грчки град.

Повикот за молк во Солун за жртвите во Кочани, го пренесоа и дел од грчките медиуми, пред сè солунските информативни портали, но и државната телевизија ЕРТ.

Собирот е закажан за 12 часот по локално време на плоштадот „Аристотел“