Skip to main content
Свет

50 повредени во инцидентот во Ливерпул, двајца во критична состојба

27/05/2025  08:43

Најмалку 50 лица, меѓу кои четири деца, се повредени во „ужасниот“ инцидент во Ливерпул, откако автомобил удри во толпа луѓе за време на прославата на шампионската титула на фудбалскиот клуб Ливерпул, јави ДПА.

Помошник-комесарот на полицијата во Мерсисајд, Џени Симс, изјави дека настанот, кој се случи на државен празник, не се третира како терористички чин и најверојатно е изолиран случај. На местото на инцидентот е уапсен 53-годишен маж, кој е идентификуван како возач на автомобилот – белец од Ливерпул.

Според полицијата, 27 лица се пренесени во болница, а уште 20 се лекувани на самото место. Четири деца се меѓу повредените, од кои едното е со сериозни повреди. Двајца од повредените се во тешка состојба.

Шефот на противпожарната служба во Мерсисајд, Ник Сиерл, рече дека пожарникарите успеале да спасат четири лица, вклучувајќи и дете, кои биле заглавени под автомобилот.

Видео снимки што кружат на интернет прикажуваат како автомобилот забрзува и удира пешаци од двете страни на улицата преполна со луѓе. Сведоци се обиделе да го сопрат возачот, кој подоцна бил приведен од полицијата.