Skip to main content
Култура

48-мо издание на фестивалот „Денови на македонска музика”

24/09/2025  10:37

Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ го најавува 48-то издание на фестивалот „Денови на македонска музика”, кое ќе се одржи од 29 септември до 16 октомври 2025 година. Откако првично беше закажан за март–април, фестивалот беше одложен за есенскиот период и ќе се реализира со прилагодена програма, нудејќи богат избор на премиерни изведби и стилски разновидни музички дела. Куратор на годинашното издание е композиторот Филип Иванов.

Со својата препознатлива програмска концепција, ДММ нуди продлабочен увид во актуелните тенденции на македонската музичка мисла, истражувајќи нови форми на музичка експресија и креација. Публиката ќе има можност да ги проследи креативните остварувања на македонските композитори низ изведбите на реномирани уметници и ансамбли, кои заедно придонесуваат во обликувањето на денешната современа музичка сцена. Манифестацијата која полека заокружува петдецениско постоење е од исклучително значење за целокупната македонска музичка култура и уметност, и директно влијае врз нејзиниот развој, усовршување, но и врз нејзиното афирмирање и доближување до светските музички трендови.

Креативен дијалог меѓу традицијата и современоста, одбележување на авторски јубилеи
Деновите на македонската музика повторно ќе отворат прашања за релациите меѓу локалното и глобалното, традицијата и современиот израз. Оваа симбиоза ќе биде претставена преку селектираните дела, но и преку традиционалните меѓународни соработки, што ја ставаат македонската современа музика во поширок контекст.

На десет концерти ќе бидат претставени дела од повеќе од 30 македонски автори. Ќе настапат седум ансамбли и камерни состави, како и повеќе од 30 солисти, а свеченото затворање на фестивалот со оркестарот Филхармонија ќе биде во знакот на одбележувањето на два големи авторски јубилеи.

Програмата на ДММ2025 опфаќа дела од различни творечки периоди на македонската уметничка музика и автори од повеќе генерации. На тој начин се нагласува континуитетот на современата македонска музичка мисла, нејзината динамика и отвореност кон современите естетски текови. Иако делата се разликуваат по стил и авторска поетика, нив ги поврзува заедничка идејна нишка – тие ја афирмираат препознатливоста на македонското музичко творештво, во сите негови форми.

Како што беше и првично најавено, во фокусот на годинашното фестивалско издание ќе биде одбележувањето на јубилеите на композиторите Властимир Николовски (100 години од раѓањето), Стефан Гајдов (120 години од раѓањето) и Кирил Македонски (100 години од раѓањето), автори и дејци кои имаат клучна улога во формирањето на современиот македонски музички израз.

Изведувачи и ансамбли
Меѓу ансамблите и уметниците во програмата оваа година се запишуваат: Фестивалскиот камерен оркестар под диригентство на Иван Еминовиќ, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија под диригентство на Ангел Спироски, гудачкиот квартет „Атака”, Македонската филхармонија со маестро Борјан Цанев, дувачкиот квинтет PHILHARMONIC5, дувачкиот квартет на ансамблот „Консонанс” како и меѓународните гости – пијано триото „Astnide” од Германија. Традиционално, фестивалскиот подиум ќе им биде отстапен и на најмладите – композиторите и студентите по музика.

Фестивалот е под покровителство на Претседателката Гордана Сиљановска Давкова и финансиски поддржан од Министерството за култура.

Автор на графичкото решение на 48. Денови на македонска музика е Владимир Лукаш.

Влезот на сите настани е слободен.