
Вистинска драма се одвивала во петокот на плажата во Неа Врасна, Грција, кога четиригодишно девојче од Македонија доживеало срцев застој додека се капело во морето.

Според сведоштва, девојчето по име Ирина било извлечено од водата од нејзините родители, а ситуацијата изгледала крајно критична. Судбината, сепак, имала поинаков план – на плажата се нашол лекар од Србија, кој веднаш реагирал и започнал со реанимација.
„Спречивме хипотермија и обезбедивме доволно кислород во белите дробови. По околу пет минути пристигна и брзата помош. Девојчето веќе беше свесно и дишеше. Ја држевме будна и разговаравме со неа цело време додека не беше префрлена во болница,“ изјави херојскиот лекар за медиумите.
Малата Ирина е хоспитализирана и добива соодветна медицинска грижа. Благодарение на брзата интервенција и присуството на стручно лице, трагедијата е избегната за влакно.