Skip to main content
Свет

32 загинати во воздушни напади врз Појасот Газа

31/01/2026  18:58

Најмалку 32 лица загинаа во серија израелски воздушни напади врз Појасот Газа, соопшти палестинската агенција за цивилна заштита. Во нападот врз полициската станица во округот Шеик Радван на северот на Газа загинале 14 лица, додека уште седум цивили биле убиени на југот во шатор за раселени лица. Палестинските власти ги оценија нападите како најтешки од стапувањето во сила на втората фаза на примирјето од октомври минатата година, посредувано од американскиот претседател Доналд Трамп.

Израелската армија соопшти дека целта била неутрализирање команданти и инфраструктура на Хамас и Исламски џихад, вклучувајќи складишта со оружје, простории за ракување со оружје и лансирни рампи. Откако примирјето стапи на сила, двете страни се обвинуваат за негово кршење, а нападите во последните 24 часа ги зголемија тензиите во регионот.