
22-годишен полицаец од Виница се повредил откако, според официјалните информации, „ракувал“ со службениот пиштол и испукал куршум во својата рака. Инцидентот се случил во апартман во Охрид, а повредениот е згрижен во болница.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека полицаецот во моментот на инцидентот не бил на смена и не бил работно ангажиран. Не се соопштува како службеното оружје се нашло со него во апартманот, ниту дали бил во друштво со други колеги или лица.
Инцидентот отвора прашања за почитувањето на протоколите за носење и чување на службено оружје. МВР не открива дали полицаецот бил на одмор во Охрид или ангажиран околу празничните настани во градот.
Случајот е пријавен и отворена е истрага за утврдување на сите околности и можни пропусти.