
Најмалку 18 мигранти загинаа во бродолом кај либискиот град Тобрук, а 50 сè уште се водат како исчезнати.
Како што денес објави Меѓународната организација за миграција (ИОМ), досега се пронајдени десет преживеани. Тобрук е крајбрежен град во близина на границата со Египет.
Од соборувањето на Моамер Гадафи во востание поддржано од НАТО во 2011 година, Либија стана транзитна земја за мигранти кои бегаат од конфликти и сиромаштија кон Европа преку пустината и преку Средоземното Море, пишува Ројтерс.
„Најновата трагедија е суров потсетник за смртоносните ризици што луѓето се принудени да ги преземат во потрага по безбедност и можности. Либија останува главна транзитна точка за мигрантите и бегалците, од кои многумина се соочуваат со експлоатација, злоупотреба и патувања кои им се закануваат на животот“, соопшти ИОМ.