
Големата награда на Јапонија засекогаш ќе ја памети 18-годишниот возач на Мерцедес, Андреа Кими Антонели. Младиот Италијанец на крајот го освои шестото место, но собори и два рекорди кои претходно ги држеше Макс Верстапен, победникот на Јапонското ГП и актуелен четирикратен шампион во Формула 1.
Првиот рекорд што го собори беше оној за најмлад возач кој водел на трка. Антонели тоа го постигна со влегување во боксот последен од сите возачи од горниот дел од поредокот, па пред да застане да менува гуми беше во водство неколку круга.
Верстапен за прв пат во кариерата водеше кога имаше 18 години и 228 дена, а Антонели беше четири дена помлад на денешната трка на патеката во Сузука.
Антонели го собори вториот рекорд веднаш по враќањето од боксот со нови гуми.
Италијанецот го постави најбрзиот круг и стана најмладиот возач во историјата со најбрз круг на трка. И тука рекордер беше Верстапен, со тоа што за прв пат го имаше најбрзиот круг на 19 години.
По првите три трки од дебитантската сезона, Антонели е на петтото место во генералниот пласман со 30 бодови.