Skip to main content
Скопје, Хроника

18-годишник осомничен за тешко сообраќајно дело и бегство од местото на несреќата

10/01/2026  15:59

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода, додека уште две лица се осомничени дека му помогнале по извршувањето на кривичното дело. Станува збор за 18-годишно лице кое на 9 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувало кон сообраќајните прописи и со тоа го загрозило јавниот сообраќај, доведувајќи го во опасност животот на луѓето.

Осомничениот управувал патничко возило „Фолксваген пасат“ по улицата „Народен фронт“, при што извршил непрописно поместување во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивен правец, без да се увери дека тоа може да го стори без опасност за другите учесници во сообраќајот. Возилото го управувал со брзина неприспособена на состојбата на патот, видливоста и густината на сообраќајот, а дополнително и без да поседува важечка возачка дозвола. Во такви услови, со возилото удрил во пешакот Љуба Јаковлеска, која го преминувала коловозот. Од ударот и падот, жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот, без да ѝ укаже помош, го напуштил местото на настанот. Повредената била пренесена во Ургентниот центар, каде и покрај укажаната медицинска помош, починала. Двајца други осомничени, маж и жена, му помогнале на возачот да ја напушти државата, превезувајќи го со својот автомобил преку граничниот премин Табановце.

Тие се лишени од слобода по враќањето во земјава, а јавниот обвинител доставил предлог за определување мерка притвор до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје. Притвор е побаран и за осомничениот возач кој се наоѓа во бегство, а мерката ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Во меѓувреме, врз основа на прибраните докази, ќе биде распишана и меѓународна потерница со цел негово обезбедување.