Skip to main content
Македонија

16 од повредените во пожарот во Кочани се пуштаат на домашно лекување

24/03/2025  18:36

Портпаролката на Владата, Венера Љатифи Азизи, попладнево на прес-конференција соопшти дека, според последните податоци, денеска од болниците ќе бидат отпуштени 16 пациенти кои досега се лекувале во земјава и ќе го продолжат лекувањето во домашни услови.

MK Summit

Таа нагласи дека во наредните две недели се очекува половина од пациентите кои моментално се лекуваат во странство да се вратат во земјава, при што Владата презема сите неопходни мерки за нивната понатамошна медицинска нега.

-Во меѓувреме, состојбата на некои пациенти и понатаму е сериозна. Четири од тие кои се во странство се во критична состојба, но правиме се за да го обезбедиме потребниот третман и да се надеваме на нивно подобрување. Покрај болничката нега, како дел од долгорочната нега обезбедивме тим хирурзи кој ќе остане во Кочани за поддршка на пациентите кои се лекуваат дома избегнувајќи ги нивните напорни патувања во клиниките. Исто така, штипската болница располага со четири хирурзи кои ќе бидат во постојана комуникација за давање поддршка на пациентите, рече таа.

Таа информираше дека во моментот, во странство се лекуваат 116 пациенти, а се очекува во текот на оваа недела осуммина од нив да се вратат и да продолжат со лекување во земјава.