
До овој момент, до дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, единаесет македонски државјани официјално побарале евакуација од Израел, соопшти Минитерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба.
Во оваа фаза, препораката до нашите државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
Во однос на дипломатско-конзуларните претставништва во Доха и Абу Даби, заклучно со овој момент ниту еден македонски државјанин нема побарано евакуација.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, како и преку дежурните служби, е во континуирана комуникација и целосно на располагање на македонските државјани за потребна помош и координација.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, преку социјалната мрежа X изрази јасна поддршка за сојузничката координација во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, нагласувајќи ја важноста од заеднички пристап во одржувањето на регионалната безбедност и стабилност.
„Стоиме со нашите американски сојузници во соочувањето со заканите кои ја поткопуваат стабилноста на Блискиот Исток. Соединетите Американски Држави јасно укажаа дека дипломатијата е секогаш прва опција, но дека одвраќањето останува неопходно кога постојат кредибилни ризици”, истакна министерот Муцунски.
Тој посочи дека безбедноста, стабилноста и одговорноста се меѓусебно поврзани и претставуваат основа за долгорочен мир.
Воедно, министерот информираше дека дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во регионот се во активна комуникација и ангажман со цел поддршка и асистенција на македонските државјани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и целосна конзуларна заштита.

