Skip to main content
Македонија

Јовановиќ: Зголемувањето на пензиската граница ќе скрати од животот по пензионирањето

03/12/2024  23:39

Универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии се спротивстави на предлогот за зголемување на пензиската граница, оценувајќи го како неправеден кон работниците и неефикасен во решавањето на проблемите на Пензискиот фонд.

– Во Македонија, просечниот животен век по пензионирањето е само 10 години, што е меѓу најкратките во Европа. Ако границата за пензионирање се зголеми на 67 години, луѓето би живееле во пензија само 6 години, што е веројатно најкратко во светот. За споредба, во Австрија, границата е 63 години, а луѓето живеат во просек 18 години по пензионирањето. Затоа, зголемувањето на границата треба да се разгледува само кога животниот век во Македонија ќе се доближи до 80 години, изјави Јовановиќ за МИА.

Тој објасни дека ефектите од зголемувањето на пензиската граница се видливи само на долг рок, додека краткорочно, мерката може да биде контрапродуктивна. Според него, ваквите промени може да го влошат здравјето на работниците, да ја зголемат стапката на повреди на работното место и да ја намалат продуктивноста на фирмите.

Наместо тоа, Јовановиќ предлага алтернативни мерки:

1. Укинување на ослободувањата од плаќање даноци и придонеси.

2. Зголемување на придонесот за пензиско осигурување, кој е еден од најниските во Европа.

3. Креирање нови работни места, формализирање на неформалната економија и зголемување на платите.

– Придонесот за пензиско осигурување во Македонија беше значително намален во времето на Груевски, од 21% на 18%. Тој треба да се покачи, но така што нето платите на работниците нема да се намалат. Дополнително, зголемувањето на формалната вработеност и платите директно ќе придонесе за зајакнување на фондот и економската активност, нагласи Јовановиќ.

Иако Фискалниот совет предложи зголемување на пензиската граница и на придонесите во својата стратегија за периодот 2025–2029 година, Владата засега не планира такви мерки. Сојузот на синдикатите на Македонија, исто така, реагираше против ваквите предлози, истакнувајќи дека тие ќе имаат негативен ефект врз работниците.