Skip to main content
Македонија

Јавните обвинители на одбележување на Меѓународниот ден за борба против корупцијата

05/12/2024  16:08

Организациската поставеност на Јавното обвинителство и улогата на јавните обвинители во борбата против корупцијата беше тема на предавањето што го одржа Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје Гаврил Бубевски пред студентите на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, како дел од активностите за одбележување на 9 Декември – Меѓународниот ден за борба против корупцијата.

Притоа, тој ја нагласи улогата на обвинителството и соработката со останатите институции за ефикасен кривичен прогон на сторителите на коруптивни кривични дела, а ги појасни и сите фази од кривичната постапка неопходни за да се дојде до правосилна судска пресуда. Како еден од клучните предизвици за следниот период обвинителот Бубевски ја истакна примената на инструментите за конфискација на незаконски стекнатиот имот. „Затворската казна не е доволна. Таа може да влее страв кај сторителите на кривични дела, но преку конфискацијата и одземањето на незаконскиот имот ние мора да им покажеме дека криминалот е неисплатлив“, рече Бубевски пред студентите.

Во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, јавниот обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија Елвин Вели, претседател на Здружението на јавните обвинители зборуваше на панел-дискусијата за клучните активности и предизвици за градење на систем отпорен на корупцијата.

„Навистина посветено работиме на унапредување на соработката со сите органи на правосудната полиција, но и на останатите институции кои се наши сојузници во борбата против корупцијата – ДКСК, Државниот завод за ревизија, медиумите, граѓаните. Се јакнат капацитетите на истражните центри и тоа најмногу благодарение на донации од меѓународните партнери, кои ја препознаваат важноста на борбата против корупцијата. Се зголемува бројот на финансиски истраги. Она што е клучно е дека борбата против корупцијата не може да биде одговорност на една институција или на еден поединец. Таа мора да е одраз на целосна општествена акција и мобилизација доколку навистина сакаме резултати. Таа бара посветеност и одговорност, но бара и материјални и кадровски ресурси“, рече Вели.