Skip to main content
Македонија

Ѓорѓиевски: Голем интерес за мерката за ослободување од комуналии за младите

09/12/2024  14:23

При денешното гостување на утринската програма “Ја сакам Македонија” на ТВ Сител, градоначалниот Орце Ѓорѓиевски ги презентираше критериумите за проектот “Кисела Вода – адреса за заеднички дом”, преку кој младите брачни двојки од Општина Кисела Вода добиваат можност за ослободување од плаќање на комуналии за изградба на куќа во овој дел од градот.

-Се работи за мерка со која директно им помагаме на младите брачни парови ослободувајќи ги од плаќање надоместок за уредување на градежно земјиште, односно комуналии за изградба на куќа во општина Кисела Вода. Условите се многу едноставни, потребно е да имаат доказ дека немаат друга сопственост на свое име, двата сопружници да имаат до 40 години, а проектот да содржи само една станбена единица. Преку оваа мерка им помагаме на два начина. Првиот е ослободувањето од плаќањето на комуналиите. Знаете дека во делот на надоместок за комуналии 40% зема Кисела Вода, а 60% Градот Скопје. Ние ги ослободуваме од нашиот дел, односно делот што треба да и го платат на Општина Кисела Вода. Вториот дел од поддршката се однесува на тоа што нудиме бесплатно до граѓаните три проекти за типски куќи. Со тоа, преку двете финасиски ослободувања, вкупната вредност на поддршка од наша страна е околу 10 000 евра. Тоа е една сериозна поддршка и сметам дека во голема мера, заедно со сите наши други реализирани проекти, ќе придонесе за да ги задржиме младите во нашата земја и да го спречиме процесот на иселување, изјави Ѓорѓиевски додавајќи дека на приемниот ден во саботата, најголемиот дел од граѓаните биле заинтересирани токму околу деталите за овој проект.