Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш им порача на лидерите на БРИКС, вклучувајќи го и рускиот претседател Владимир Путин, дека на светот му е потребен мир во Газа, Либан, Украина и Судан.
„Генерално, ни треба мир“, рече Гутереш на самитот на БРИКС во рускиот град Казан.
„Ни треба мир во Украина. Праведен мир во согласност со Повелбата на ОН, меѓународното право и резолуциите на Генералното собрание на ОН“, посочи тој.
Кабинетот на Гутереш подоцна објави соопштение во кое се вели дека тој се сретнал со Путин на маргините на состанокот на БРИКС и го повторил својот повик за мир.
Во соопштението се наведува дека Гутереш го повторил својот став дека руската инвазија на Украина во 2022 година е „прекршување на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право“.
Според соопштението, Гутереш исто така рекол дека слободата на пловидба во Црното Море е „од најголема важност“ за Русија, Украина и севкупната безбедност на храната и енергијата.
Двајцата лидери, како што се наведува, разговарале и за „апсолутната потреба од прекин на огнот во Газа и Либан, како и за потребата да се избегне понатамошна регионална ескалација“.
БРИКС, акроним за Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република, сочинува 45 отсто од светското население и 35 отсто од светската економија.
Египет, Етиопија, Иран и Обединетите Арапски Емирати, исто така, се приклучија оваа година во групата која сака да биде одговор на политичката и економската моќ на богатите нации од Северна Америка и Западна Европа. Саудиска Арабија исто така треба формално да се приклучи.