Судењето за бруталното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски од Велес доби драматичен пресврт по изјавата на обвинетиот Влатко Кешишев, кој преку писмена изјава го повлече своето претходно тврдeње дека Љупчо Палевски, познат како Палчо, бил со нив за време на извршувањето на двојното убиство.
Кешишев, кој претходно сведочеше дека Палевски бил присутен и го обвини како организатор на злосторството и извршител, во својата најнова изјава доставена од затворот до судот, откри дека бил под притисок од Велибор Манев. Според Кешишев, Манев ги принудувал него и Боре да лажат, заканувајќи им се со физичко насилство доколку не изјават дека Палевски бил извршителот на убиствата.
„Згрешив што го послушав Велибор и кажав невистина дека Палчо бил со нас. На 22 и на 27 ноември 2023 година, Палевски спиеше во штабот, а не беше ниту во Велес ниту во Скопје со нас тројцата,“ напишал Кешишев во изјавата која ја напишал завчера, односно на 18 ноември 2024 година.
На денешното рочиште, судот ја подели писмената изјава на Кешишев до адвокатите на сите обвинети. Иако адвокатите на обвинетите одбија да ја коментираат изјавата на Кешишев, тие изразија увереност дека вистината ќе се разјасни во соочувањата.
Во изјавата, Кешишев не даде дополнителни детали за тоа кој пукал во Вања и Панче, што остава простор за натамошни шпекулации и истраги.
Убиството на 19-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски предизвика огромно внимание во јавноста. Кешишев беше човекот кој ја откри локацијата каде е закопана Вања, што го стави во центарот на истрагата.