Skip to main content
Свет

Хорор во зоолошка градина во Романија: Тигар го уби чуварот

10/12/2024  15:26

Вработен во зоолошката градина во Романија е убиен од тигар откако влегол во кафезот на животното и не ги почитувал безбедносните протоколи, објавија локалните медиуми.

Според извештаите, 52-годишен маж, чие име не е познато, вчера наутро бил каснат во глава од животното во зоолошката градина во Питешти.

Додека и донел храна на големата мачка, чуварот наводно ги игнорирал здравствените и безбедносните правила кои бараат тигрите целосно да се одвојат од просторот за пристап.

Наводно, чуварот на зоолошката градина заборавил да ја затвори безбедносната врата, а животното успеало да се нафрли врз човекот.

Итната помош брзо пристигнала на местото на настанот, а мажот итно бил пренесен во болница. За жал, немало спас за него.

Полицијата во моментов ги истражува околностите околу смртта и е отворена кривична постапка за убиство од небрежност и непочитување на законските здравствени и безбедносни мерки.

Зоолошката градина соопшти дека ова е првпат во нејзината 50-годишна историја да се случи ваков инцидент и ветија дека ќе се спроведе внатрешна истрага и ќе се поддржи полициската истрага.

– Ќе работиме со сите инволвирани власти за да разбереме што точно се случи и да се погрижиме вакви трагедии да не се повторат – се вели во соопштението.