Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска најави дека СДСМ ќе поднесе законски измени за зголемување на минималнат плата на 27.700 денари и ги повика пратениците од мнозинството да го поддржат.
-Денес, во услови на голема економска несигурност, како одговорна опозиција, предлагаме измени и дополнувања на Законот за минимална плата. Со измените, предвидуваме минималната плата да се покачи на 27.700 денари, што претставува пораст од 12,3%. Со ова, не само што ќе обезбедиме финансиска стабилност на работниците, туку и ќе влијаеме на порастот на просечната плата, што ќе има позитивен ефект врз секое семејство во државата, рече Филипче на прес конференција во македонското Собрание.
Ја повикувам Владата и сите пратеници дека ова не е време за застапување на партиски интереси туку за заштита на интересите на граѓаните, додаде тој.
Мандатот на пратениците им го дале граѓаните и тие одговараат само пред нив, не пред партискиот лидер, рече Филипче додавајќи дека “сите пратеници и од владејачкото мнозинство и од опозицијата треба да дадат поддршка на оваа иницијатива“.
-Да се издигнат над политичките разлики и да гласаат за подобар животен стандард на работниците. Ова решение е во интерес на сите граѓани, и сите ние носиме одговорност да се погрижиме за економскиот просперитет на нашата држава, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска во Собранието.