Skip to main content
Македонија

Филипче: Предлагаме измени и дополнувања на законот за минимална плата со кој таа би изнесувала 27.700 денари

21/10/2024  13:03

СДСМ ќе поднесе предлог измени и дополнувања на Законот за минимална плата за минималната плата да се покачи на 27.700 денари

– Денеска во услови на голема економска несигурност како одговорна опозиција, предлагаме измени и дополнувања на законот за минимална плата. Со измените предвидуваме минималната плата да се покачи на 27 700 денари што претставува пораст од 12,3 проценти. Со ова не само што ќе обезбедиме финансиска стабилност на работниците туку и ќе влијаеме на порастот на просечната плата што ќе има позитивен ефект на секое семејство во државата. Методологијата на усогласување на минималната плата со порастот на трошоците на живот и просечната плата останува и понатаму како дел од овој закон, со тоа ќе обезбедиме сигурен и постојан раст на приходите на граѓаните во иднина, рече денеска претседателот на СДСМ Венко Филипче.

Според Филипче, сериозен проблем за македонската економија е повратот на ДДВ, односно дека долгот на УЈП кон компаниите е од 250 до 300 милиони денари, што не се има случено во последните седум години.

– ВМРО ДПМНЕ ја враќа економијата во ерата на селективно плаќање и исплаќање на ДДВ карактеристика и пракса до 2016 година. Сите овие индикатори потврдуваат дека Владата не создава подобри услови за стопанството и раст на економијата. Ова говори само за неодговорно менаџирање со парите на граѓаните, наместо тоа гледаме само зголемување на трошоците за живот, порача Филипче.