Skip to main content
Економија

Филипче: Неисплаќањето на повратот на ДДВ кон стопанството е сериозен проблем за македонската економија

21/10/2024  17:27

Со ненавремената исплата на повратот на ДДВ кон компаниите, ВМРО-ДПМНЕ ја враќа економијата во ерата на селективно плаќање, порача денес претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

„Сериозен проблем за македонската економија е повратот на ДДВ. Долгот на УЈП кон компаниите е од 250 до 300 милиони денари, такво нешто не се случило во последните седум години. ВМРО ДПМНЕ ја враќа економијата во ерата на селективно плаќање и исплаќање на ДДВ карактеристика и пракса до 2016 година. Сите овие индикатори потврдуваат дека Владата не создава подобри услови за стопанството и раст на економијата. Ова говори само за неодговорно менаџирање со парите на граѓаните, наместо тоа гледаме само зголемување на трошоците за живот“ вели тој.

СДСМ денеска поднесе предлог измени и дополнувања на Законот за минимална плата за таа да изнесува 27.700 денари, а Филипче во своето обраќање пред медиумите направи споредба со растот на минималната плата во време на владеење на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

„Иако пред изборите ветуваа дека ќе ја зголемат минималната плата, но реалноста е поинаква не само што нема најава за тоа, туку ситуацијата се влошува. Потрошувачката кошничка во септември 2024 година достигна 61.306 денари, цените на основните прехранбени производи растат, а куповната моќ на граѓаните значително е намалена. Само за потсетување, Владата предводена од СДСМ во период од седум години, креираше политики за постојан раст на платите и работеше за значително да се подобри животниот стандард на работниците. Во 2016 година, просечната месечна нето-плата изнесуваше 22.460 денари, додека во мај 2024 година достигна 41.252 денари. Ова е резултат на посветените политики кои имаа за цел да го подобрат животот на секој граѓанин, особено на работниците. Минималната плата во нашата програма за работа беше приоритет и ја зголемивме од 8.000 денари на сегашните 22.567 денари“ порача Филипче.