Со „Националната конференција за медиумска писменост во образованието“, организирана од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и ИРЕКС што ќе се одржи денеска од 10 до 12 часот, во Хотел Лимак во Скопје продолжуваат Денови на медиумска писменост 2024.
Како што соопштуваат од МИМ, на почеток на конференцијата ќе се обратат министерката за образование и наука, Весна Јаневска и Џери Дајбл, претставничката на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија.
Претставници од Бирото за развој на образованието, МИМ, ИРЕКС, Државниот испитен центар и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе ги презентираат досегашните активности поврзани со воведување на медиумската писменост во формалното образование, меѓу кои и наодите од истражувањата спроведени меѓу ученици од основните и од средните училишта.
Потоа, во рамките на одбележувањето на ДМП што годинава се одржуваат под мотото „Твојата свесност е најважниот филтер“ во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 12:00 до 14:30 часот денеска ќе се одржи панел дискусија на тема „Зајакнување на новинарскиот интегритет и одговорност“, организирана од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и ИФЕС.
Во исто време, од 12 до 14 часот, во Младинскиот центар во Кавадарци ќе се одржи работилница на тема „Паметно живеење во дигиталниот свет“, организирана од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Делегацијата на Европската унија.
Радио Канал 77 ќе ја слави медиумската писменост на својата програма во текот на целиот ден.
Со Деновите на медиумска писменост 2024, кои се одржуваат од 28 октомври до 4 ноември преку голем број разновидни настани Мрежата за медиумска писменост дава придонес кон одбележувањето на Глобалната недела на медиумска и информациска писменост во организација на Алијансата за медиумска и информациска писменост на УНЕСКО.
Темата на ДМП, поврзана со Глобалната недела, гласи „Медиумска и информациска писменост за информирање во јавен интерес“.