Skip to main content
Македонија

Тошковски: Оперативни информации покажуваат вмешаност на екс-градоначалник од ДУИ во инцидентите на 28 ноември

06/12/2024  23:05

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во интервју за Сител потврди дека се идентификувани и приведени сторителите кои го нарушиле јавниот ред и ги сквернавеле државните симболи на 28 ноември. Тој истакна дека безбедносните служби продолжуваат со истрагата за евентуална вмешаност на организирани групи, кои можеби ги поттикнале ваквите активности.

„Истрагата е во тек и располагаме со оперативни информации за вклученост на високи структури на ДУИ во овие настани. Сепак, ќе постапуваме исклучиво врз основа на факти и докази, избегнувајќи политички прогони, какви што беа забележани во минатото,“ изјави Тошковски.

Министерот откри дека еден поранешен градоначалник од редовите на ДУИ е меѓу осомничените за организација на инцидентите, но нагласи дека ќе се дејствува само со цврсти докази и во согласност со упатствата на Јавното обвинителство.

„За разлика од претходно, кога беа вршени политички прогони, денес работиме транспарентно и одговорно. Доколку обезбедиме докази, ќе постапиме согласно законот,“ нагласи тој.

Истрагата останува отворена, а јавноста ќе биде информирана за натамошните чекори.