Неповторливото актерско дуо Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски за првпат во Македонија успеаја да наполнат и да закажат дури три стендап претстави во една голема сала како што е салата “Јане Сандански” во Скопје.
Тие со претставата „(Нат)просечен Македонец“ ќе се покажат пред македонската публика на 2, 3 и 8 ноември, а по тој повод вчера одржаа и прес-конференцијата на која учестуваше и првиот човек на „Авалон продукција“ Бобан Милошески, кој воедно истакна дека ова првпат се случува во историјата на Македонија но и во поранешна Југославија.
Специјален гостин во претставата ќе биде комичарот Стефан Николовски, кого Тино го нарече засилување.
Како што истакнаа актерите поради овој факт тие чувствуваат голема одговорност и велат претставата или ќе ги искачи на повисоко ниво или ќе ги изгори.
„Вчера имавме претстава во Театар Комедија кај нас. Во претставата има микробранова печка во која требаше да испукам пуканки. И додека се правеа пуканките, се случи нешто што досега не се случило, се запалија внатре и почнаа да горат. Се создаде пламен и за да не изгориме живи, ја отворив микробрановата, ја земав таа огнена топка и ја фрлив кај инспициентот каде што е противпожарниот апарат. И во тој момент сфатив дека ние сега, со ‘(Нат)просечен Македонец’ имаме една огнена топка која е многу опасна ако ја фрлиш директно во луѓето, но во исто време е толку многу возбудлива за публиката. Мислам дека првпат во нашите кариери имаме шанса да направиме нешто што ќе нѐ лансира повеќе, а можеби и ќе нѐ изгори“, се пошегува Атанасовски.
Неговиот колега се пошегува дека има изгореници од четврти степен.
“Сакам да им се заблагодарам на сите кои купија билети, затоа што првите два настапа се веќе распродадени, првиот за 12 до 15 часа, а на вториот му требаа два или три дена. За третиот на 8 ноември има уште многу малку билети“, рече Костадиновски.
Како одговор на прашањето што за нив претставува “Натпросечен Македонец”, тие одговорија дека тоа е фантазија, таков се уште не постои.
Дуото Атанас и Тино ја засмејува публиката веќе 14 години, но сепак ова ќе биде засега врвот во нивните кариери.