Skip to main content
Хроника

Странец осомничен за давање поткуп на Блаце, Обвинителството достави предлог за притвор

31/10/2024  09:22

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против турски државјанин за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Давање поткуп согласно член 358 став 1 од Кривичниот законик.

На 30 октомври, на граничниот премин „Долно Блаце”, при влез во државава, осомничениот 50-годишник директно на службено лице му дал подарок за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши.

Откако претходно, при пасошка контрола и проверка, полицискиот службеник констатирал дека осомничениот веќе престојувал во Република Северна Македонија 90 дена во изминатиот период од 180 дена, по што му одбил влез, осомничениот за 20-тина минути се вратил на граничниот премин и директно на раководителот на смена му дал парични средства во износ од 100 евра со цел да му дозволи да оствари влез во државава.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, особено имајќи предвид дека станува збор за странски државјанин кој нема регулиран престој во земјава и дека постои реална опасност од бегство.