Skip to main content
Спорт

Стојановски и Панчевски се најуспешните македонски шахисти на ЕП

10/12/2024  21:58

Членовите на Алкалоид, Дејан Стојановски и Филип Панчевски се најуспешните Македонци на Европските првенства во забрзан и во брзопотезен шах што се играа викендот во Скопје.

Стојановски со осум бодови од 11 кола го освои 18. место на Европскиот шампионат во забрзан (рапид) шах во конкуренција на 390 шахисти.

– За мене ова е голем резултат, планина! За споредба, кога би бил овој резултат одигран на стандардно темпо на игра, би значел велемајсторска норма. Осумте бода од можни 11, без пораз, и пласманот во топ 20 на европско ниво доволно кажуваат, но за да го остварам тоа, навистина се внесов. Во овие два дена загубив три килограми од телесната тежина! Горд сум што рамноправно се носев во дуелите во кои квалитетот на партиите беше на екстремно високо ниво. Сето ова не би било можно без поддршката на мојот клуб Алкалоид, како и на компанијата што стои зад нас, изјави  Стојановски. 

Велемајсторот Владимир Федосеев, играч со руско потекло кој настапува под знамето на Словенија, стана нов европски првак со 9,5 поени.

На Европскиот шампионат во брзопотезен (блиц) шах настапија околу 360 играчи. Најуспешен македонски играч е Филип Панчевски освојувајќи 9 бода од можни 13, при што се најде во групата играчи од 20. до 32. место, а според тајм-брејк параметрите го освои 26. место.

– По долго време повторно играв на Европското првенство во рапид и во блиц шах, што, секако, беше големо искуство да се одмерат силите со најсилните европски шахисти. Турнирот во забрзан шах беше прв и таму играв тешко, но како поминуваа партиите влегов во игра и играв сѐ подобро и подобро. Европското првенство е силен турнир, за кој треба многу енергија. Блиц-турнирот го завршив со победа во последното коло, што секогаш ми носи големо задоволство. Иако посакував уште половина поен повеќе, задоволен сум од постигнатиот резултат, констатираше Панчевски.

За издвојување е и настапот на 14-годишниот Никола Радоњанин, кој е дел од младинската школа на ШК Алкалоид. Тој на двата шампионата беше најуспешен од македонските шахисти во својата возрасна категорија.