Skip to main content
Свет

Сириските бунтовници ќе објават список со највисоки функционери на режимот на Асад вмешани во тортура

10/12/2024  08:37

Сириските бунтовници ќе објават список на највисоките претставници на режимот на Башар ал Асад вклучени во тортура против народот. Тоа го соопшти лидерот на бунтовниците Ахмед ал Шарех, чиј воен прекар е Абу Мохамед Ал Џаулани.

Ал Шарех објави на Телегхран дека неговите сили ќе понудат награда за секој што ќе даде информации за високи членови на сириската армија и сириските безбедносни служби вклучени во воени злосторства.

Бунтовниците рекоа дека пронашле тела на измачувани луѓе во болничка мртовечница во Хараста, во близина на Дамаск.   Во меѓувреме, илјадници луѓе продолжуваат да чекаат  пред затворот Сеиднаја, во близина на Дамаск, надевајќи се дека таму ќе ги најдат своите затворени или исчезнати најблиски.

Од почетокот на војната во Сирија, над 100.000 луѓе загинале во сириските затвори, главно од тортура. Само во Сеиднаја, се верува дека биле приведени 30.000 од нив, 6.000 биле ослободени во текот на годините.

Во неделата бунтовниците објавија дека ја презеле контролата над затворот и дека оттаму ги ослободиле затворениците.

Но, роднините на луѓето за кои се верува дека се во затвор велат дека можеби има подземни келии преполни со затвореници.