Skip to main content
Македонија

Синдикат на УПОЗ: Вработените од Јавното обвинителство немаат добиено плата за септември

21/10/2024  15:12

Од Синдикалната организација на јавните обвинителства при Синдикатот на УПОЗ информираат дека вработените од Јавното обвинителство немаат добиено плата за септември.

Посочуваат дека неколку месеци платите во ЈО се исплаќаат со задоцнување и пробивање на законски утврдениот рок до 15-ти во месецот.

– По доаѓањето на новата власт за јавнообвинителските службеници се исплаќаат додатоците на плата во износ од 20 отсто. Исплатата на платите за сите вработени, јавните обвинители и службата не оди без проблеми, односно според информациите со кои ние располагаме тешко се добива одобрувањето од Министерство за финансии за пренамена на средствата за да може да се земат додатоците на плата, што прави да се одолговлекува исплатата на платата. Ние сме свесни за целосно руинираниот буџетот на државата, но ние не бараме повеќе од она што ни следува по закон. Сакаме да ја запознаеме јавноста дека функционерите (обвинителите) и службениците воопшто не се исти. Службениците во обвинителствата ги извршуваат своите работни задачи, чесно, ефективно и ефикасно иако еден службеник извршува работни задачи за тројца или четворица, поради недостатокот на вработени. Ние како јавнообвинителски службеници не се мешаме во политиките на Владата, само бараме да се цени трудот на оние кои што си ја вршат работата ревносно и професионално и да не се дозволи да трпат сите оние кои што за ништо не се виновни ниту за довербата, ниту пак за функционирањето на обвинителството,велат од Синдикатот во објава на Фејсбук.

Просечната плата на вработените во јавнообвинителските службеници, како што се посочува во објавата, е 28.000 денари. Во јуни исплатени се 20 проценти додатоци на плата на 16 јули, во јули исплатата е направена на 8 август, а во август на 18 септември по донесувањето на ребалансот на буџетот.

Од Синдикатот на УПОЗ појаснуваат дека работодавач во Јавното обвинителство е републичкиот јавен обвинител, но одобрението за добивање на плата го дава Министерството за финансии. – Иако Јавното обвинителство има сопствен Буџет, кој треба да изнесува најмалку 0,4 проценти од БДП, Министерството за финансии одобрува и префрла едвај 0,2 проценти од БДП, се наведува во објавата.