Skip to main content
Музика

Симон Трпчески за првпат со голем новогодишен концерт во Скопје – Најави поразличен спектакл кој е специјално создаден за македонската публика

02/12/2024  18:19

На 20ти декември нашиот виртуоз на пијано Симон Трпчески за првпат ќе одржи еден голем новогодишен концерт во арена како што е “Борис Трајковски” во Скопје.

Тој на денешната прес-конференција со новинарите ги соопшти сите детали и најави малку поразличен концерт од оние кои тој ги прави ширум светот.

Концертот ќе биде поделен во два дела па на првиот ќе свири повеќе класични дела на кои поддршка во визуелна смисла ќе има од првенцте на Македонската опера и балет, а во вториот дел со врвните уметници од Македонисимо на публиката ќе и понудат и дела кои се дел од поп музиката, односно новогодишни хитови создадени од Френк Синатра, Дин Мартин, Мараја Кери, Мајкл Бубле и слично, но во поинакво руво, со адаптации направени од македонскиот композитор Павел Шахов, како и одредени класици како дела на Моцарт, Верди, Штраус.

„Првиот дел од новогодишниот концерт ќе биде посветен на еден генијален композитор Петар Илиќ Чајковски кој направи една композиција која ги надминува и сите тие новогодишни традиции. Ќе изведеме една свита, избор од самиот балет, но во малку поинаква верзија која поретко, би рекол многу ретко се изведува во таков формат. Имено станува збор за четирирачно изведувања на композициите на пијано и на „Оревокршачката“. На сцената тука ќе ми се приклучи мојот поранешен студент и одличен пијанист кој одлично и активно продолжува да делува во образовната дејност, Шкељзен Бафтијари. Во оваа изведба која ќе биде облагородена за нејзиното дејствување и траење ќе бидеме поддржани од балетот на Македонската опера и балет, на чело со Кире Павлов. Првенците на балетот Марија Кичевска и Бобан Ковачевски и дел од балетскиот ансамбл“, изјави Трпчески.

Нашиот најпознат пијанист истакна дека ова била негова долгогодишна желба, која ете конечно му се исполнува, а исто така најави и изненадувања кога се во прашање македонските песни и културата.

На сцената заедно со него како гости ќе се појават и оперските пејачи и уметници, сопранот Гонца Богоромова Краповска и баритонот Иван Наумовски, но и тука најави дополнителни изненадувања.

Како неостварена желба каде би сакал да настапи, а досега немал можност ги истакна Северна Кореа и Јужно Африканската Република, а од големите светски престижни сцени до сега му останала само салата Санта Сисилија во Рим каде не настапувал, но како што кажа да сме само здрави и живи, за се има можности.

Билетите за концертот во организација на Прагма продукција веќе се пуштени во продажба и како што рече организаторот одлично се продаваат, а истите можете да ги купите преку продажното жесто на www.kupikarta.mk, Розе Веро 2 и ЈК Травел во Бисер.

Наталија Јосифоска