Ако сакаме македонското општество да биде праведно и солидарно, а Македонија да ја направиме пристојно место за живеење мора да се навратиме на вредностите на Свети Климент Охридски, порача претседателката Гордана Силјановска Давкова на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“, што се одржа вечерва во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.
Силјановска Давкова оцени дека сите треба да сме сплотени околу светикиментовите заложби и да им помогнеме на современите ранливи категории – на социјалните случаи, бездомниците, бегалците, жртвите на семејното насилство, непријавените работници.
Се осврна на делата на Свети Климент посочувајќи дека од Охридската книжева школа произлегле 3 500 ученици кои станале учители на словенството, неговите манастири станале чувари на временскиот и просторниот континуитет на македонскиот јазик, Охрид бил издигнат на ранг на архиепископија, … но оти најголемото негово дело е духовното и етичкото воздигнување на народите.
– Свети Климент со своите слова и поуки настојувал да изгради нов човек со нови благородни навики и речиси и да нема светиклиментова проповед без повик за одговорно однесување кон ближните и тие што страдаат. На народот му дал духовен и етички компас за да може полесно да се ориентира во столетијата во кои се менувале царства, власти и системи и да опстане во сите средини – посочи претседателката.
Сепак, забележа таа, 11 века подоцна вредностите и навиките всадени од Свети Климент исчезнуваат пред нашите очи и живееме во време на нарушени меѓучовечки односи, наместо хуманост и дарежливост се пораширена е опседнатоста со парите, статусот и себељубието.
– Ова е време во кое чесните се игнорирани, додека аздисаните се емитирани. Во Европа сме во последните според нивото волонетерство и на граѓански активизам. Како што корупцијата го загрозува владеењето на правото, така и експлоатацијата ги загадува почвите, водите, воздухот. Сведоци сме на повеќедецениска трка за узрурпирање на јавниот простор и присвојување на општото добро. Сето тоа на штета на иднината на младите генерации. Овие состојби не се сегашни, туку не следат со години и децении, а сега добиваат алармантни пропорции. Причините не треба да ги бараме само кај нас. Блокадите и билатерализацијата на европската интеграција не заглави во оваа европска периферија неречена Западен Балкан од која масовно се иселуваат сите млади. На некој начин како да се враќаме во предклиментовото време и како забрзано да се претворивме во општество во кое хуманото „ние“ и „наше“ е потиснато од себичното „јас“ и „мое“ – рече претседателката.
Порача дека пред нас е голема задача оваа периферија повторно да ја претвориме во центар на образованието, културата, уметноста, на иновативоста, креативоста.
-Мора напорно и пожртвувано да работиме на секое поле, да ја развиваме економијата, да обезбедиме владеење на правото, да изградиме функционални институции – рече претседателката истакнувајќи дека за да го направиме тоа треба да се навратиме на вонвременските светиклиментови пораки за правдата наспроти неправдата и за солидарноста наспроти себичноста.
Светиклиментовата правда, укажа таа, не е ограничена само на дословно почитување на државните закони. Праведни не се оние што не прекршиле ниту еден државен закон, туку оние што, почитувајќи ги законите, истовремено со своите животи ја изградуваат и ја зацврстуваат заедницата. Светиклиментовата правда е и социјална правда бидејќи е насочена кон заштита на немоќните, помагање на сиромашните и возобновување на достоинството на секој човек. Праведно општество е она во кое поединецот активно придонесува за општото добро и за јавниот интерес, и е вмрежен во заедница на хармонични меѓусебни односи.
– Светиклиментовата солидарност не е сведена само на економска редистрибуција, туку вклучува и соодветно споделување на моќта и одговорноста во заедницата и општеството. Успехот на секој поединец е успех и на целата заедница, а неуспехот на макар и еден поединец, на еден ученик, на еден работник, на едно семејство, е неуспех на целото општество. Солидарноста е мултиетничка, мултијазична, мултирелигиска бидејќи го препознава човечкото во различниот од нас. Без меѓуетничка солидарност нема меѓуетнички соживот – порача претседателката.
Денешниот празник, наведе, е повод да се сетиме дека не треба да чекаме да дојде некој нов Свети Климент, бидејќи тој живее во нас, треба да го разбудиме светиклиментовото во секој од нас, треба одново да станеме светиклиментови ученици, да се потсетиме на неговата животна филозофија и да ја пренесеме на нашите ученици.
-Со тоа ќе им овозможиме самите еден ден да станат учители. На сегашните и на идните геренерации да им помогнеме да напредуваат само со своите знаења, вештини, квалитети, а не со врски, протекции. Ако сакаме македонското општество да биде праведно и солидарно, а Македонија да ја направиме пристојно место за живеење мора да се навратиме на вредностите на Свети Климент Охридски. Верувам дека само така ќе можеме да се наречеме вистински наследници на нашиот голем учител, светител и просветител Свети Климент Охридски – рече претседателката Гордана Силјановска Давкова.
На академијата се обрати и поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија г.г Стефан, а присуствуваа претседателот на Собранието Африм Гаши, членови на Владата, поранешниот претседател Ѓорѓи Иванов, поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, пратеници, претставници на државни институции, судската власт, на дипломатскиот кор, академската заедница…