Skip to main content
Свет

Сексуалните работници во Белгија од денес имаат загарантирани работнички права

01/12/2024  19:58

Денеска во Белгија стапи на сила Закон со кој на сексуалните работници им се гарантираат основните работнички права – да имаат здравствено осигурување, платено отсуство, надомест за породилно боледување, помош за невработени и пензија.

Со Законот се воспоставуваат и правила за работното време, платите и безбедноста. Односно сексуалните работници ќе имаат право да одбијат клиент и да ја прекинат работата во кој било момент.

Работодавците мора да добијат овластување, да се придржуваат до строгите безбедносни протоколи и да ги исполнуваат основните барања – без претходна пресуда за сексуален напад или трговија со луѓе. Тие мора да обезбедат чиста постелнина, кондоми и средства за хигиена и да инсталираат копчиња за итни случаи во работните области.

Независната сексуална работа останува дозволена, но нерегулираниот ангажман на трети лица или прекршувањето на законската рамка ќе бидат кривично гонети.

Законот уследи откако Белгија во 2022 година ја декриминализира проституцијата. Иако соседните земји како Германија и Холандија ја легализираа проституцијата, ниту една не спроведе сеопфатна заштита на трудот како Белгија.