Skip to main content
Македонија

СДСМ: Стратегија за следните 20 години постои, во неа учествуваше и ВМРО-ДПМНЕ 

25/10/2024  09:26

Интегрален текст од соопштение за јавност на СДСМ

Националната развојна стратегија за периодот 2024-2044 е успешно подготвена и одамна е поднесена до Собранието. ВМРО-ДПМНЕ беше дел од тој процес а нивните пратеници учествуваа во изработка на стратегијата. Овој документ е резултат на широко и инклузивно учество, кое вклучува над 250 претставници од национални институции, 70 градоначалници, 50 пратеници од власта и опозицијата, како и деловни и граѓански организации. Дополнително, над 1.500 млади и претставници на ранливи групи активно допринесоа за креирањето на стратегијата.

Оваа стратегија е уникатен пример на наднационална соработка, којa ги обединува граѓаните околу заедничка визија и реални цели за развој. Собранието е местото каде што се води дијалогот и се оформуваат политиките на државата, и СДСМ останува посветена на неговото значење како клучен демократски форум.

Најавите на Христијан Мицкоски за „обединување” околу „нова стратегија” се несериозни и празни политички пораки, кои ја игнорираат реалната потреба за конструктивност и конкретни решенија. Стрсатегијата тој ја има на маса, треба да покаже дела а не само празни зборови. 

Наместо навистина да се обединиме околу заедничките стратешки приоритети, сведоци сме на популистички изјави, кои не ги одразуваат потребите на граѓаните. Четири месеци наназад, Мицкоски не понуди ниту една мерлива цел или конкретен план во важните области, што ги остави граѓаните со празна реторика и без насока за иднината.

СДСМ во континуитет бара сериозен и одговорен пристап во политиката. 

Граѓаните заслужуваат проекти кои ќе го подобрат животниот стандард, ќе ја зголемат безбедноста и ќе ја обезбедат иднината во рамки на ЕУ и НАТО. СДСМ апелира до ВМРО-ДПМНЕ да прифати дека обединувањето околу заеднички цели бара реална визија и лидерство, не само политички флоскули. Додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со повици без содржина, државата и граѓаните остануваат без конкретна поддршка за напредок. СДСМ ќе продолжи да се залага за долгорочни решенија кои ќе овозможат стабилност и просперитет за сите.