Skip to main content
Македонија

Сашо и Владимир Мијалкови одликувани со орденот „Свети Николај“ на МПЦ

05/11/2024  12:53

Поранешниот директор на УБК (сегашна АНБ) Сашо Мијалков и неговиот брат Владимир добија орден од Македонската православна црква–Охридска архиепископија. Наградата им ја додели брегалничкиот митрополит Иларион за нивниот ктиторски придонес во изградба на црква во Ново Село, Штип.

За осветувањето на храмот „Св. вмч. Димитриј“ и одликувањето на браќата Мијалкови информираа од Брегалничката епархија.

-На 03.11.2024 година, Недела 19-та по Педесетница; св. Иларион Мегленски, преп. Иларион Велики, преп. Филотеј; се изврши осветување на новоизградениот храм посветен на “Св. вмч. Димитриј Солунски” во Ново Село, Штип, и се отслужи Света Архиерејска Литургија, а чиноначалствуваше Неговото Блаженство господинот и отец наш г.г. Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски, во сослужение на Митрополитот Брегалнички г. Иларион и Епископот Стобиски г. Јаков. Храмот е ктиторско дело на г. Сашо Мијалков, г. Владимир Мијалков и нивните семејства од Скопје. На крајот од Светата Литургија, Неговото Блаженство г.г.Стефан одржа пригодна беседа, а ктиторите г. Сашо Мијалков и г. Владимир Мијалков беа одликувани со орден “Св. Николај” од страна на Митрополитот Брегалнички г. Иларион, стои во објавата на социјалните мрежи на Брегалничката митрополија.

Ова е едно од ретките појавувања на Сашо Мијалков во јавноста откако на 23-ти мај годинава излезе од затвор.