Skip to main content
Спорт

Ракометарите и гостуваат на Литванија – голем исчекор кон ЕП 2026

10/11/2024  11:34

Македонската машка ракометна репрезентација вечерва ќе го одигра вториот натпревар во квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2026 и тоа на гостински терен против Литванија (17 часот) во Вилнус, во кој ќе се обидат да ја потврда неодамнешната победа во Скопје над Естонија (37-33).
Ова е далеку посериозен ривал за избраниците на селекторот Кирил Лазаров, имајќи предвид дека во претходните три дуели со овој противник имаат едно реми и два пораза. Еден од тие мечеви носи голема болка – тој во 2011 година во Адана, кога Македонија ремизираше со Литванија, која, пак, благодарение на повисоката победа над Турција го обезбеди првото место во групата и дојде до пласман на Светското првенство.

„Од тоа што го имам гледано, Литванија е поквалитетна репрезентација од Естонија. Традицијата вели дека немаме победа против неа, затоа мора да се подготвиме добро и да одиме на триумф“, оптимист е Лазаров.

Литванија има две учества на континенталните собири – во 1998 (деветто место) и во 2022 (21. место), како и еден настап на Светско првенство и тоа во 1997 година (10. место). Македонија, пак, има осум настапи на Европските првенства, со најдобар пласман – петтото место во 2012 година во Србија.

„Дуелот со Македонија може да биде клучен за нашиот пласман на Европското првенство, со победа сигурно би имале многу повеќе шанси. Секако и поддршката од навивачите на секој меч е дополнителна мотивација за нашите ракометари, затоа ги повикуваме да дојдат и да ја бодрат нашата репрезентацијата,“ изјави литванскиот селектор Гинтарас Савукас.

Во нашта квалификациска група, денеска силите ќе ги одмерат и Словенија и Естонија. Во квалификациите за ЕП 2026 учествуваат 32 репрезентации, а пласман обезбедуваат двете најдобри од секоја група и четири од третопласираните селекции.