Skip to main content
Македонија

Продолжува судењето за смртта на Вања и Панче

20/11/2024  09:26

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска во 10 часот ќе продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

На претходните рочишта сведочеа мајката на Вања, ќерката на Жежовски и нејзиниот сопруг, како и инспектори и членови на политичката партија „Десна“ кои биле вклучени во истрагата. Последното рочиште беше фокусирано на исказите на семејството на таткото на Вања.

Обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, татко на девојчето, на првото рочиште се изјаснија дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие заедно го испланирале грабнувањето на 14-годишната Вања за да изнудат пари од нејзиното семејство, додека грабнувањето на Панче Жежовски во Велес било со цел присилно да го добијат неговото возило „Цитроен“ за да го користат во киднапирањето на девојчето.

Телата на Вања и Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023 година, беа пронајдени мртви на 3 декември во близина на Скопје и Велес.

Во случајот е осомничено уште едно лице за помагање по извршувањето на кривичното дело, а постапката против него ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, додека застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.