Skip to main content
Македонија

Продолжува мистериозната потрага за Лидија: Пребарани напуштени објекти, полициски сили на терен

11/11/2024  16:36

Министерството за внатрешни работи (МВР) презеде серија мерки и активности за пронаоѓање на 43-годишната Лидија Трајковска од село Јурумлери, која исчезна под мистериозни околности. Според информациите од МВР, установено е движењето на Лидија, која на последниот познат пат кон село Драчево се упатила од раскрсницата во селото Јурумлери.

При пребарување на теренот, во близина на мостот на реката Вардар, пронајдени биле неколку предмети, меѓу кои кутија од цигари, запалка и џемпер. Прво, сопругот на исчезнатата ја потврдил кутијата од цигари и запалката како нејзини, додека џемперот не бил препознат. Со цел поголема ефикасност во потрагата, полициски службеници од СВР Скопје извршиле обиколки по течението на реката Вардар, во кои учествувале и роднини на исчезнатата.

Исто така, за да се покрие поширок терен, МВР користи дрон за воздушно пребарување во должина од пет километри по реката Вардар, до село Огњанци. Пребарани се и напуштени објекти, додека потрагата продолжува денеска со зголемено темпо. МВР апелира за соработка и од граѓаните и најавува продолжување на сите достапни мерки за наоѓање на Лидија.