Skip to main content
Хроника

Почина поранешниот градоначалник на Солун, Бутарис, со потекло од Македонија

10/11/2024  09:24

Почина Јанис Бутарис на 82 годишна возраст. Некогашниот градоначалник на Солун по потекло од Крушево кој се залагаше за нормализирање на односите помеѓу Македонија и Грција. Веста за неговата смрт ја потврди компанијата за производство на вино „Кир-Јани“, што Бутарис ја основа и водеше со неговите двајца синови.

Потекнувајќи од винарска фамилија, Бутарис беше еден од најзначајните енолози во Грција. Од 2011 до 2019 беше градоначалник на Солун и по 24 години владеење на тврдокорните конзервативци, ја смени репутацијата на градот од скриен, националистички центар во космополитска метропола. Во два наврати беше и општински советник, од 2003 до 2011, па повторно од минатата година до својата смрт.

„Тој беше смел визионер кој со сите сили се бореше да го врати градот во контакт со неговото богато мултикултурно, колоритно и космополитско минато“, изјави актуелниот градоначалник на Солун, Стелиос Ангелудис.

Како градоначалник на Солун, Бутарис првпат дојде во официјална посета на Македонија во 2013 и тогаш откри дека има влашки корени, од Крушево.

„Врските со семејството во Крушево со време се изгубени, но јас трипати бев да го посетам. Ја видов и куќата на мојот дедо. Бев многу горд. Тоа се моите корени“, кажа Бутарис во разговор за весникот „Вест“ во декември 2013.

Бутарис исто така беше гласен заговорник на нормализирање на грчко-македонските односи и ги осуди протестите во Солун во 2018 против правото на Република Македонија да го користи терминот „Македонија” во која било опција за решавање на спорот помеѓу двете држави.

„Многу сум разочаран, бидејќи по 25 години спорови за името на Скопје, ние сме сѐ уште во иста позиција. Психологијата и односот на многу грчки граѓани не се смениле. Проблемот е што луѓето мислат дека Македонија ќе ни го одземе идентитетот, но никој нема да го направи тоа. Тие не се закана за нас“, кажа тогаш Бутарис, кој имаше клучна улога за почетокот на преговорите помеѓу властите во Скопје и Атина за името Македонија.